Самохрана мајка на три деца од Скопје апелира за помош, бидејќи се соочува со доста тежок период. Таа била инфицирана со Ковид-19, и заедно со децата се наоѓа во домашна изолација, а поради тешката финансиска состојба во која западнале, потребни им се донации во храна, витамини, но и други основни производи.
Од здружението ,,One can” каде мајката се обратила за помош, велат дека таа замолила да не и се открива идентитетот во јавност, првенствено поради децата, но секој којшто е во можност да помогне, може да испрати порака на Фејсбук страницата на здружението.
-Потребна е храна, витамини, постелнина, тањири, чаши… Од страна на облека и обувки, за едниот син е потребна облека број Л, обувки број 41, за девојчето облека број С и обувки број 38, а за најмалото машко дете, обувки број 36 и облека за десет-годишна возраст – информираат од здружението.
Додаваат дека на хуманите граѓани кои ќе понудат помош ќе им дадат контакт од семејството, и се надеваат дека солидарноста ќе се покаже на дело.
-Семејството живее под кирија, имаат и неплатени сметки. Сопствениците на станот им кажале дека ако не ги подмират трошоците за еден месец, ќе бидат избркани. Значи, секоја помош е добредојдена, било парична, било во храна и облека. Итно е, веруваме дека хуманоста ќе победи, дека оваа мајка и нејзините деца ќе добијат помош која им е неопходна – изјавија од ,,One can”.
Вики Клинчарова