Македонски семејства се заглавени во военото жариште во Киев, Украина, и итно бараат помош за евакуација. „Фокус“ разговараше со Сашо Андонов, кој со семејството, односно со сопругата и две деца подолг период живееле во Киев. Моментално се во во ходникот на зградата, бидејќи немале скривница. Додека разговаравме, неколкупати разговорот беше прекинат, бидејќи се вклучуваа алармите за опасност.
-Страшно е ова, заглавени сме во Киев. Пред да почне сето ова имавме контакт со амбасадата, тие не запишаа за евакуација, ние и без тоа немаме транспорт и последната надеж ни беше во амбасадата. Но, оставени сме сами на себе! Со свои сили се мачиме некако да најдеме начин да се префрлиме до границата на Полска или Унгарија, но се е полошо и полошо.
Има повеќе семејства во Киев и сите се надеваме на помош од нашата држава за наоѓање на транспорт до безбедно место – вели Андонов.
Во ходникот на зградата каде моментално се засолнети не смеат да пуштаат светло, според препораките кои ги добиле и седат во темница.
-Се обидувам да стапам во контакт и со другите македонски семејства на кои им е потребна помош. За храна деновиве се снаоѓаме како знаеме, но апелираме нашата држава да ни помогне со евакуација – ни изјави Андонов.
Бројот на неговиот мобилен телефон е +380 508672648. Се апелира до сите надлежни служби во земјава да му излезат во пресрет.
Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека успеале да ги извлечат нашите дипломати во Украина преку безбедносен коридор и тие се биле тргнати кон Молдавија.
-Целиот овој период беа во скривница. Ние потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија, рече Османи.
Вики Клинчарова