Инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари претставува потенцијална цел за закани и насилни екстремисти, предупредија американските разузнавачки агенции.
Поради тоа, безбедноста ќе биде засилена, а се очекува околу 25.000 полицајци и воени лица да ја обезбедуваат церемонијата на инаугурација, пишува американски Политико.
Потенцијалните сторители, се претпоставува, би можеле да ја видат заклетвата на новоизбраниот претседател како „последна шанса да се влијае врз изборните резултати преку насилство“, напишаа група разузнавачки и агенции за спроведување на законот во проценката за закана, до која порталот имаше пристап.
Проценката на заканите, составена од ФБИ, Тајната служба, полицијата на Капитол, владата на Вашингтон и полицискиот оддел на Врховниот суд, наведе низа сценарија во кои се вклучени странски терористи, домашни екстремисти и волци-осаменици кои би можеле да извршат бомбашки напади, летови со беспилотни летала или напади врз возила и сл.
Официјални лица за спроведување на законот, исто така, се загрижени дека протестите околу инаугурацијата би можеле да станат насилни – одредени групи бараа дозволи за демонстрации, вклучително и некои кои претходно организираа протести кои завршија со апсења.
„Минатите протести на некои од овие лица вклучуваа сообраќајни блокади, неовластено преминување, уништување имот и отпор при апсење“, се додава во проценката на заканите.
Во документот се наведува и дека протестите поради конфликтот во Газа го нарушиле Капитол Хил и дека борбите таму би можеле да ги инспирираат екстремистите во државата.
Документот, наводно, е форматиран слично како оној испратен во 2021 година пред инаугурацијата на претседателот Џо Бајден.
Во исто време, документот покажува како се промениле опасностите во изминатите четири години – особено во однос на иранските закани за Трамп и тензиите поттикнати од војната во Газа.
Џон Коен, поранешен функционер за борба против тероризмот кој помогна во планирањето на безбедноста за инаугурацијата на Бајден, рече дека овогодинешниот настан се соочува со повеќе закани од оној пред четири години.
Се додава дека само минатата недела, полицијата на Капитол уапсила маж кој се обидел да внесе мачети и три ножеви во центарот за посетители на погребот на поранешниот претседател Џими Картер, а истиот ден полицијата уапсила уште едно лице кое запалило автомобил во близина на Капитол додека Трамп беше таму.