Итно да се одложи плаќањето на придонеси за хонорарите

by fokus

Итно да се одложи примената на законските измени со кои, од 1 јануари 2015 година, се воведува плаќање на задолжително социјално осигурување за хонорарите. Оваа е заедничкиот став на потписниците на Синдикалната повелба, од повеќе синдикати во земјава, кои во текот на утрешниот ден ќе побараат средба со министерот за труд и социјална работа, Диме Спасов.

Од синдикатите го побараа одложувањето за да, како што велат, се отвори простор јавноста да се произнесе за реперкусиите од нивното воведување и да се изнајде најповолно законско решение.

-Законските измени што ќе стапат на сила од 1 јануари 2015 година ќе ја отворат Пандорината кутија, зашто ќе ги поттикнат работодавачите наместо договори за вработување да склучуваат договори за дело со нововработените лица, па дури и со веќе вработените лица. На тој начин, тие ќе си ги исполнат финансиските обврски кон државата, но ќе заштедат на грбот на работниците врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, опремнини за вработените кои ги отпуштаат и друго, велат од Синдикатот на УПОЗ, КСОМ, ССНМ, Синдикатот на Македонската дипломатска служба, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.

Од синдикатите го изразија и својот сомнеж дека овие измени се направени со цел да се пополнат празните државни фондови и вештачки да се намали невработеноста. Поточно, на денешната дебата беше кажано дека доколу некој хонорарец, само еднаш во текот на годината добие хонорар повисок од 8.800 денари, тој веднаш ќе биде избришан од Агенцијата за вработување, а можноста повторно да се пријави ќе го има дури по една година.

Исто така синдикатите најавија дека овие законски измени за кусо време ќе бидат оспорени пред Уставниот суд.

-Го изразуваме и своето категорично противење на изземањето од плаќањето придонеси за хонорарите на изборните и именуваните лица. Изборните и именуваните лица во секоја демократија треба да бидат во служба на граѓаните, а не да бидат носители на дополнителни привилегии во однос на граѓаните. Според Уставот, сите, вклучително и избраните и именуваните лица, се еднакви пред Уставот и законите. И од ништо што има ефект врз материјалната состојба и правата на граѓаните не смеат да бидат изземени, децидни се од Синдикатите.

Поврзани новости