По завршувањето на вчерашното гласање во македонскиот парламент за почеток на постапка за уставни измени согласно Договорот од Преспа, грчките онлајн медиуми го објавија резултатот како итна и вонредна вест.
Како што пренесе МИА, дел од насловите во грчките медиуми гласат: „Историски ден за Договорот од Преспа“; „Со 80 на првото гласање за уставна ревизија“; „Одобрен предлогот на Заев за почеток на ревизија на Уставот“; „Направен првиот чекор“; „Заев најде 80 во собранието – гласаа 8 од ВМРО“; „Ципрас: Честитки, пријателе Заев“;„Помина со 80 гласа првиот чекор за уставната ревизија во ПЈРМ“…
Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека Собранието на ПЈРМ го одобри предлогот на владата на Зоран Заев за почеток на процесот на ревизија на Уставот на земјата за да се продолжи со промена на името во Република Северна Македонија врз основа на Договорот од Преспа, со што успешно заврши првата фаза од процесот
Весникот Катимерини, пак, посочи дека за предлогот на владата гласаа 72-та пратеници на владиното мнозинство и албанската опозиција, како и 8 пратеници кои без избрани на гласачките ливчиња на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Информативниот портал Реал.гр го истакна делот дека првично пратениците гласаа електронски, но по барање на опозициската ВМРО, следеше гласање во кое секој пратеник се изјасни поединечно кое го потврди мнозинството за уставна ревизија.