Итен колегиум во Апелација по заканите од обвинителката Русковска

by fokus

Откако синоќа обвинителката Вилма Русковска се закани дека ќе отвори финансиска истрага против судиите кои одлучија екс шефицата на СЈО, Kатица Jанева, да замине во домашен притвор, од Апелациониот суд за „Фокус“ велат дека утрово ќе оддржат колегиум, по што ќе имаат официјално соопштение за јавноста.

-Утрово ќе оддржиме колегиум, по што набрзо ќе има соопштение за јавноста, рече претседателката на Апелација Лидија Димчевска, во телефонски разговор за „Фокус“.

Апелационите судии кои синоќа ги контактираше „Фокус“ не сакаа официјално да ја коментираат изјавата на Русковска, но во неформален разговор посочуваа дека се шокирани.

– Преиначено е првостепеното решение и одредена е мерка куќен притвор, заедно со мерки за претпазливост, изјавија вчера од Апелацискиот суд. Лекарската документација, според судиите од Апелација, укажувала дека и со мерката куќен притвор може да се обезбеди присуството на Јанева.

Во случајот „Рекет“ покрај Јанева, обвинети се Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец. Јанева беше уапсена на 21 август по што судот и одреди мерка притвор. Покрај Јанева, во домашен притвор претходно беше пуштен и Кичеец, а во притвор останува Борјан Јовановски за кого неговите адвокати вчера побараа да биде хоспитализиран поради здравствени проблеми.

В.В.

Поврзани новости