Итар Пејо, буџетот, опозицијата и иднина како Југославија

by lali

Проблемот со немањето вистинска актуелна јавност создава два проблема во перципирањето и во толкувањето на јавноста. Првиот е дека јавноста непотребно и неадекватно се пополнува со „вести кои тоа не се“ и другиот е дека секој обид за толкување води кон иднината.

Првото е проблем зашто со консумирањето вести кои тоа не се, всушност, само се пополнува квантумот на јавност, но тоа е далеку од вистинската јавност, која кореспондира со тоа што навистина се случува. И ова некореспондирање е на две нивоа, првото дека се симулира јавност, а другото дека вистинските нешта остануваат ненотирани.

Еве, да се обидеме со актуелен пример да објасниме понатаму. Како тоа станува централна вест летувањето на политичарите, а се запоставува итното предлагање на законот за туѓа нега. Дали, на пример, би било пореално кога некој медиум би направил сторија за тоа каде и дали воопшто летуваат корисниците на туѓа нега?!

ШКОЛОТО ИДНИНА ИЛИ ИДНИНАТА КАКО ШКОЛО

И другиот проблем, од немањето актуелност е да се толкува уште непристигнатата иднина. Морам да додадам дека при секое пишување на зборот иднина ми текнува на луцидниот коментар на мојот покоен пријател Масхар, кој укажуваше дека ние сме земја која му наденала име „Иднина“ на основно училиште за деца попречени во психичкиот развој, како што е случајот со едно такво школо во Скопје.

Секако дека таквото именување, тогаш во оптимизам, било благороден стремеж дека тие попречености ќе се отстранат во иднина, но сега, во песимизам, значи сосема друго: дека, всушност, таква попречена иднина ни претстои.

Малку од името на школото, малку од песимизам, но повеќе од исконското незнаење на луѓето за тоа што носи следниот ден, сепак толкувањето на иднината било и ќе остане неблагодарна занимација.

Така е и сега и тука, каде што на вакво толкување сме, всушност, присилени од немањето минато и актуелност. Така, при првиот поглед на блиското минато и на актуелноста, секакво толкување на политичката иднина за Македонија почнува од првата импресија за оваа земја: ми фали опозиција!

Мислам дека токму оваа реченица би бил првиот коментар кога би виделе реална и сеопфатна слика или карикатура на Македонија. Власта е на власт, сите се на одмори, ДУИ и ДПА се некаде тука; меѓу власт и одмори, но опозицијата каде е? Или поточно: која е и каде е опозицијата?

ГРАЃАНИТЕ СЕ ПРВОБИТНАТА ОПОЗИЦИЈА

За да одговориме поточно на ова прашање, чинам дека треба да се потсетиме на некои основни нешта за тоа кој е, всушност, опозиција. Опозиција, реална и првобитна, се граѓаните, кои по разни основи не се задоволни со владината политика. Значи, тоа се сите што не гласале за овие две и пол партии на власт (ДПА е половина партија зашто остана преполовена меѓу тоа да биде власт, а да биде и опозиција) и уште оние кои можеби гласале за власта, но актуелно не се задоволни од владините политики.

Опозициските партии се само организации кои треба да се стремат да ги претставуваат сите овие граѓани, уважувајќи ги нивните незадоволства, и уште да додадат со укажување на недоследностите или неприоритетностите на некоја владина мерка или решение, кое, актуелно или во блиска иднина, ќе имаат лош одраз врз животот на граѓаните.

„ЌЕ ГО ПУКА“ ЛИ ИТАР ПЕЈО БУЏЕТОТ?

Ова потсетување може да се прочита и како укажување на тоа што вистински недостасува во Македонија и кој е тој празен простор кој сега-засега изгледа непополнет и кој би требало да го пополнат токму опозициските партии.

Оваа празнина сега е толку голема што може во големина да се мери само со празнината од политиката на власта. Ова, затоа што мислам дека сè тоа што во последно време го прави владата и не се некои политики, туку само итарпејовски мерки за и околу буџетот.

Токму затоа главниот лик на владата во последно време е Зоран Ставрески кога со превртливи очи кажува дека отпис на долг е можен само со лична карта зашто ги имале податоците, а од друга страна на корисниците на буџетот по разни основи им бара едно чудо, калабалак, документи.

Документи кои, за да се извадат, во случајот на корисниците на социјална помош, се речиси трошок еднаков на сумата што ќе треба да ја земат. Веројатно со муабетот околу буџетот, министерот за финансии ѝ го задржува своето предимство како првиот главен меѓу тројцата главни.

Токму итарпејовштините околу буџетот се вистинската политика што би требало да ја искористи и да ја објасни опозицијата. Всушност и најголемата политичка иницијатива, промената на Уставот, е само еден таков курназлак околу монетарната политика, која, не дај Боже, на крајот: „ќе го пука“.

Како што, впрочем, и се случи во Милошевиќева, тогаш СРЈ или, како веќе беше, Југославија.

Поврзани новости