Италијанскиот премиер Марио Драги поднесе оставка откако остана без поддршката од најголемиот коалиционен партнер во владата Пет ѕвезди.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, кој предводеше влада на национално единство од февруари 2021 година, соопшти дека пактот на доверба што ја одржувал владата веќе го нема.
-Вечерва ќе му ја врачам мојата оставка на претседателот на републиката – кажа Драги.
Сепак, претседателот Матарела ја одби оставката на Драги и побара од него да се обрати во парламентот со цел да ја оцени политичката ситуација.
Инаку, кризата почна откако лидерот на Пет ѕвезди Џузепе Kонте одби да го поддржи владиниот пакет за економска помош за семејствата и бизнисите вреден 23 милијарди евра, тврдејќи дека Драги не прави доволно за да се справи со зголемените трошоци за живот.