Италијанската десница излезе со тројца кандидати за иден шеф на државата

by Fokus

Сојузот на италијанските конзервативци попладнево на прес конференција излезе со три предлога за можни кандидати за нов шеф на државата, оставајќи му на левиот центар да одговара со свој кандидат.

Предлогот дојде откако парламентот сè уште е видливо поделен околу наследникот на претседателот во заминување, Серџо Матарела.

Британските медиуми пренесуваат дека трите партии од десниот центар – Лига, Фратели Италија и Форца Италија попладнево излегоа со имињата на поранешниот претседател на Сенатот, Марчело Пере, поранешната министерка за образование и градоначалник на Милано, Летиција Морати, и пензионираниот судија, Карло Норди, како можни кандидати за нов шеф на државата.

-Немаме намера да наметнуваме ништо… се надеваме дека овие имиња ќе бидат примени со подготвеност да разговараме за нив, изјави лидерот на Лига, Матео Салвини, на заедничката прес-конференција со своите сојузници.

Италијанскиот Парламент, вчера, во првиот круг од изјаснувањето, не избра нов претседател на државата, бидејќи ниту еден кандидат не доби доволен број гласови на тајното гласање, а денеска е во тек новото, второ гласање.

Точно 1.009 електори, членови на двата дома на парламентот, Претставничкиот дом и Сенатот, и претставници на регионите и автономните покраини, од вчера го почнаа гласањето за избор на наследникот на Матарела, а на победникот на тајното гласање му треба двотретинско мнозинство во предвидените три круга гласање.

Гласањето се повторува се додека еден од кандидатите не добие доволно гласови.

Британските медиуми претходно јавија дека фаворит во гласањето е актуелниот премиер на земјата, Марио Драги, а меѓу оние кои се сметаат за можни кандидати се и поранешниот претседател на Долниот дом, Пјер Фердинандо Касини, поранешниот премиер, Џулијано Амато, и претседателката на Сенатот, Марија Елизабета Алберти Каселати.

Поврзани новости