Иларија Де Роса (23), стјуардеса од малиот италијански град Ресано е уапсена на 6 мај во Саудиска Арабија поради поседување дрога, поради што и се заканува неколкугодишна затворска казна, а во најлош случај и егзекуција.
Нејзините родители велат дека се многу загрижени за можните последици со оглед на строгите казни кои владеат во оваа земја, пишува „Мирор“.
Што точно се случило дознале дури откако стапиле во контакт со полицијата, бидејќи таа не контактирала со нив неколку дена по слетувањето на меѓународниот аеродром „Крал Абдулазиз“ во одморалиштето Џеда, на Црвеното Море.
Италијанските медиуми јавуваат дека таа е приведена за наводен случај на трговија со дрога. Инаку, секој што ќе биде фатен во обид да прошверцува нелегални супстанци во Саудиска Арабија, се соочува со драстична казна без разлика на количината и видот на дрогата.
Нејзините родители наводно не успеале да дојдат до неа на 6 мај, а телефонот на Иларија бил исклучен следниот ден. Нејзината мајка и татко го пријавиле нејзиното исчезнување во полиција во градот Кастелфранко Венето, на 8 мај.
Италијанските медиуми кои ја објавија приказната за нејзиното исчезнување на 21 мај – велат дека родителите на Иларија првично се плашеле дека нивната ќерка е киднапирана.
Италијанското Министерство за надворешни работи, наводно, сега преговара со саудиските власти за нејзината депортација.
Италијанските медиуми тврдат дека стјуардесата нема криминално досие.