Италијанска гурмански магија во Limak Skopje Luxury Hotel

by Fokus

Љубителите на пица, паста, различни видови на сирења, пршута и десерти, ќе имаат можност да уживаат во автентичните вкусови на италијанската кујна. На 21 ноември годинава, во Limak Skopje Luxury Hotel ќе се одржи специјална гала вечера на тема „Италијанска кујна: традиција и иновации“.

Настанот е дел од Неделата на италијанска кујна, а Limak Skopje Luxury Hotel го организира во соработка со Амбасадата на Италија и Конфиндустрија Северна Македонија.

Вкусните италијански специјалитети ќе ги приготват двајцата реномирани готвачи Џовани Маскари и Иван Паломби, а менито ќе вклучува предјадење типично за областа Емилија Ромања, која важи за гурмански центар, каде се вкрстуваат различните варијации на италијанската кујна, рижото со вргањ, пица и тирамису за десерт. Ќе се служи и италијанско пиво, додека автентичноста на Италијанската вечер ќе биде заокружена со традиционална италијанска музика.

Џовани Маскари е шеф со долгогодишно искуство, познат по својата суши пица и популарноста на социјалните мрежи. Неговиот профил на Инстаграм има речиси 1 милион следбеници. Иван Паломби во текот на студиите се посветил на откривање на различните јадења со ориз, а за време на неговата кариера соработувал со врвни италијански готвачи.

Италијанската кујна е една од најпознатите, чии специјалитети се широко прифатени во различни делови на светот. Покрај познатите тестенини, кои се подготвуваат со различни техники, италијанската кујна се издвојува и по богатите зачини кои даваат посебен шарм и автентичност на специјалитетите.

Италијанската гала вечер ќе се одржи на 21 ноември со почеток во 20.30 часот во Clover ресторанот на петтиот кат на Limak Skopje Luxury Hotel, каде можат да се добијат сите дополнителни информации.

Поврзани новости