Пред 23.309 гледачи на „Олимпискиот стадион“ во Рим, репрезентацијата на Италија вечерва ја совлада Турција со 3:0 (0:0) во воведниот натпревар од 16. Европското фудбалско првенство.
Италијанската иницијатива во првото полувреме изроди само една сериозна шанса за гол, но турскиот чувар на мрежата Чакир Угурчан го одбрани ударот со глава на капитенот Џорџо Кјелини во 22. минута.
Доминацијата на домаќините вроди со плод набрзо по паузата кога турскиот дефанзивец Мерих Демирал со автогол во 53. минута и донесе водство на Италија, а 13 минути подоцна Чиро Имобиле го удвои водството со својот 14-ти гол во дресот на Азурите.
Конечниот резултат за убедлив старт на Италија на ЕУРО2020 го постави Лоренцо Инсиње во 79. минута.
Во вториот натпревар од воведниот коло во групата А, утре играат Велс и Швајцарија, со почеток од 15 часот.
Вториот ден од ЕУРО2020 ќе го комплетира и првото коло во групата Б, со натпреварите меѓу Данска и Финска (18 часот) и Белгија – Русија (21 часот).