Талентираната Дивна Пешиќ со своите ликовни дела го освојува светот. Уметницата која со семејството живее и твори во Америка, деновиве доби две значајни интернационални награди. Како што појаснува за ,,Фокус”, станува збор за трофеј International Award Donatello во Фиренца, Италија, и признание за уметнички достигнувања од Pinacothèque museum од Луксембург, еден од најпрестижните европски музеји.
Пешиќ, која по потекло е од Кавадарци, на јавноста и стана позната пред околу две децении, како шампион во стрелање и учесник на Олимпијадата. За љубовта кон сликањето вели дека секогаш била дел од неа, иако нејзините обиди да се запише на Факултетот за ликовна уметност во Скопје завршиле без успех.
Како самоука сликарка, таа не се откажала од својот сон, а успесите кои ги доживеа како ликовен уметник во Америка доволно зборуваат за нејзиниот талент. Над 25 први награди од познати музеји и галерии, најдобар светски апстрактен експресионист според Американ Арт Авард, како и голем број на признанија од многу американски ликовни настани и се случија во изминатите години, откако се пресели во Америка.
Наградата ,,Internacional Prize Donatello is Italiа” е за посебни постигнувања во уметноста и оригиналност во стилот. Моето дело ,,Македонскиот Феникс“ е публикувано во книгата ,,Contemporary Celebrity Masters”. Навистина се гордеам што мојот труд го препознаваат и вреднуваат ширум светот и што моето име е вброено меѓу најдобрите современи уметници во светот. Оваа година одбележувам 30 години јубилеј откако почнав да сликам масло на платно и се надевам дека ќе успеам после долго време да се претставам со изложба и во мојата родна земја Македонија-ни изјави Пешиќ.
Пред три месеци таа имаше самостојна изложба во Компас Арена, во Чикаго, каде беа изложени 35 дела.
Вики Клинчарова