Соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад го разниша кредибилитетот на рускиот претседател Владимир Путин меѓу неговите сојузници, тврди американскиот Институт за проучување на војната (ISW).
Крајот на 20-годишниот режим на Асад „е стратешки политички пораз за Москва и го втурна Кремљ во криза бидејќи Русија се обидува да задржи стратешка воена база во Сирија“, напиша ISW во својот најнов извештај објавен во неделата.
Откако за само неколку дена ги освоија големите градови како Алепо, Хама и Хомс, исламистичките бунтовници вчера влегоа во Дамаск, прогласија соборување на владата на Асад и го прогласија главниот град за ослободен.
„Неспособноста или одлуката на Русија да не го зајакне режимот на Асад додека офанзивата на сириската опозиција брзо напредува низ целата земја, исто така, ќе му наштети на кредибилитетот на Русија како сигурен и ефективен безбедносен партнер ширум светот, а исто така негативно ќе влијае на способноста на Путин да обезбеди глобална поддршка за она што тој сака, а тоа е мултиполарен свет“, се вели во анализата на ISW.
ISW собра „силни индикации“ дека Русија поставува услови за евакуација на воените средства од Сирија и дека руските воени бази не се безбедни.
„Дури и ако Русија ги задржи некои или сите свои бази во Сирија, тоа ќе значи голема геополитичка загуба за Москва, затоа што продолжувањето на руското стационирање во Сирија ќе биде оставено на милост и немилост на сириските опозициски групи кои Кремљ претходно ги нарече терористи“, се вели во соопштението на ISW.
Асад ја напушти претседателската функција, а ја напушти и земјата, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Подоцна беше потврдено дека тој заедно со неговото семејство е во Москва и дека добил азил.
Се вели дека Русија била во контакт со бунтовничките групи во Сирија. Од 2015 година, Москва му дава клучна воена поддршка на режимот на Асад.