Најновите тестови извршени кај првите пациенти со Ковид-19 во Германија, покажуваат брзо опаѓање на бројот на антитела во крвта, пренесе „Дојче веле“. Тоа може да значи дека кратко време по оздравувањето, тие може повторно да се заразат.
Во врска со корона вирусот, низ цел свет научниците вршат испитувања за присуство на антитела. Целта е да се добие појасна слика за текот на болеста и имунитетот, со што ќе се напредува и во развојот на вакцина против вирусот.
Меѓутоа, новите испитувања на оздравените корона-пациенти ја кочат надежта за долготраен имунитет и со тоа за долготрајно дејство на евентуална вакцина. Испитувањата на крвта на првите пациенти во Германија заболени од Ковид-19, кои беа на медицински третман на крајот на јануари во минхенската клиника Швабинг, покажале значително опаѓање на т.н. неутрализирачки антитела во крвта, соопшти Клеменс Вендтер, раководител на тамошната Клиника за инфектологија.
„Кај четири од девет пациенти констатиравме намалување на бројот на неутрализирачки антитела со специјален тест кој може да се извршува само во лабораторија со високи мерки на безбедност. Во колкава мерка ова ќе влијае врз долгорочниот имунитет и имунизација, засега може само да се шпекулира, но мора и понатаму да се испитува. Но, резултатите укажуваат дека по пребродената болест, можно е повторно инфицирање. Тоа мора да се има во вид“, потенцира Вендтер.