Според последното истражување на јавното мислење кое за емисијата Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје 55,8 отсто од граѓаните би гласале позитивно доколку утре се одржи референдум за влез на Северна Македонија во Европската Унија, додека една четвртина од анкетираните или 24,8 отсто би биле против.
Според оваа анкета 93,5 отсто од етничките Албанци би гласале за влез на Северна Македонија во Европската Унија, а само 4,6 отсто против. Кај Македонците, 43,5 отсто од анкетираните се за влез на Северна Македонија во ЕУ, а дури 31,5 отсто од анкетираните се против.
Анализата на последните три анкети кои емисијата Детектор на „ТВ Сител“ ги спроведе во последните четири години покажува дека од 2019 година до денеска, поддршката значително опаднала. Ако во 2019, 67,4 отсто од анкетираните давале поддршка за членство во ЕУ, бројката во 2020 година паднала на 65,5 отсто за денеска да се спушти на 55,8 отсто.
Од 17,3 отсто колку што се противеле на членството во ЕУ во 2019 година, бројката скокнала на 24,8 отсто денеска што, како што посочуваат во Детектор, значи дека секој четврти граѓанин е против членство во Европската Унија.
Најголеми поддржувачи на зачленувањето во ЕУ се младите, а најголеми противници граѓаните меѓу 30 и 40 години.
Дури 42,1 отсто од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ, 16,1 отсто очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3 отсто во наредните 15, а 8,7 отсто очекуваат да се зачлениме во наредните пет години. Само 1,7 отсто од анкетираните се оптимисти дека во ЕУ ќе се зачлениме идната година.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.