Истражување: Пациентите што оздравеле од Ковид-19 страдаат од замор и тешко дишат

by Fokus

Пациентите кои заздравиле од Ковид- 19, со недели, па и месеци, потоа продолжуваат да имаат последици во форма на хроничен замор, отежнато дишење, болка во мускулите, некои сакаат да спијат по цел ден, а за некои е голем напор да се качат само еден кат, пишува он-лајн списанието „Јуроп тудеј“.

Истражувањето го спроведоа лекарите од клиниката „Џемели“ во Рим, Анџело Карфи и Роберто Бернабеи, кои прегледаа 150 пациенти заразени со коронавирус.

Од анкетираните, 87 отсто потврдиле дека имаат барем еден од пост-ковид симптомите, претежно преголем замор, проблеми со дишењето, некои имале психолошки проблеми, а голем број на пациенти по закрепнувањето покажале знаци на посттрауматско нарушување.

Речиси сите испитаници имале проблеми со апетитот и намалување на телесната маса.

-Кoвид-19 е нова болест и ние засега ги знаеме симптомите, но малку се знае за последиците, и затоа ова истражување, прво од ваков вид, е многу важно, изјави Анџело Карфи.

Позитивно е, посочуваат авторите на истражувањето, дека не се потврдени стравувањата на лекарите дека болеста ќе остави трајни последици врз белите дробови, црниот дроб, очите и срцето.

Лекарите препорачуваат пациентите кои биле лекувани во одделите за интензивна нега и биле подложени на оксидизација, редовно да одат на контроли на повеќе внатрешни органи и мора да поминат низ долг период на физичко и психичко закрепнување.

Поврзани новости