Истражување: Јужноафриканскиот сој може да зарази луѓе вакцинирани со „Фајзер“

by Fokus

Научниците од Универзитетот во Тел Авив заклучиле дека вакцината е недоволна во борбата против јужноафриканскиот вид. Истражувачите објавија голема студија во која проучувале 400 испитаници со позитивен тест на коронавирус најмалку 14 дена по вакцинирањето со една или со две дози и 400 невакцинирани лица.

Заклучокот е дека јужноафриканскиот сој бил осум пати позастапен кај оние кои ги примиле двете дози на вакцината, отколку кај оние кои не биле вакцинирани.

Според тоа, ова истражување покажува дека мутираниот јужноафрикански вид на коронавирусот може да се пробие до човечки клетки и откако ќе се прими вакцината „Фајзер“.

Јужноафриканскиот сој, со стручен назив Б.1.351, има мутации што научниците стравуваат дека човечкиот имунолошки систем нема да може да ги препознае или дека препознавањето на вирусот од страна на имунолошкиот систем ќе биде отежнато.

Ова значи дека вакцините може да станат неефикасни, исто како и природниот имунитет стекнат откако лицето ќе прележи ковид.

-Откривме непропорционално поголем процент на присуство на јужноафриканскиот сој меѓу вакцинираните лица по втората доза, во споредба со оние кои не примиле вакцина, рече истражувачот на универзитетот во Тел Авив, Ади Стерн.

Британски научници, пак, предупредија дека доколку јужноафриканскиот вид стане доминантен во Велика Британија, може да се престане со вакцинацијата и земјата да се врати на почеток.

Дејли Меил пишува дека јужноафриканската варијанта на коронавирусот ја намалува ефикасноста на вакцината за околу 50 проценти. Исто така, овој сој може да биде до 60% позаразен од „оригиналниот“ вид на вирусот.

Научниците во моментов ја тестираат вакцината „Астра Зенека“ на јужноафрикански сој.

-Меѓутоа, ако ја вакцинирате целата популација и потоа добиете нова варијанта што може да ја ‘прелаже’ вакцината, ќе се вратите на стартната позиција, како пред вакцинацијата, изјави министерот за здравство на Велика Британија Мет Ханкок.

Поврзани новости