Истражување: Децата во Македонија дишат загаден воздух додека се на училиште или во градинка

by Fokus

Децата во Македонија дишат загаден воздух додека се на училиште или во градинка. Воздухот во затворени простории како училишта и градинки е позагаден отколку надворешниот во топлите месеци, додека во зимските нема разлика.

Ова е епилогот во студијата „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање , како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

– Релативно слично е загадувањето во сите пет града во училиштата, средните вредности се движат од 40 до 80 микрограми на метар кубен просечна концентрација на ПМ2,5.

Во просек ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки, коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и наставниците, истакна професор д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Тој рече дека внатрешниот воздух во затворена просторија е поголем проблем за нас.

– Ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор . Внатрешниот воздух е поголем проблем за нас бидејќи 80-90 отсто од времето минуваме дома, а не надвор. Но, внатре можеме да влијаеме, има повеќе решенија од современи системи за вентилација до едноставни системи со филтрација на воздухот кои ќе ја намалат концентрацијата на суспендирани честички во реални услови до 80 отсто.

Може да се применат и едноставни мерки како често мокро пребришување, користење на облека наменета само за внатрешниот простор, не со таа облека од надвор – додаде Мираковски.

Проблемот со загадувањето е огромен проблем и во сите градови, особено во Скопје. Ние како Министерство за здравство се обидуваме да изнајдеме некакво решение што помалку да биде загадувањето, изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари пред настанот на „UNPD“, на кој се презентираат резултатите од истражувањето за квалитетот на воздухот во затворени простории во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Таравари најави нов проект кој треба да стапи на сила наредната година.

-Затоа веќе имаме проект кој помина на владина седница и до крајот на идната година треба да се стави во употреба. Се работи кај 10 болници каде што греењето ќе се замени од стандардно со мазут и нафта и ќе бидат вклучени начини на греење кои што нема да го загадуваат воздухот. Се надевам дека проектот ќе помогне многу, информира министерот за здравство.

Настанот се организира во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

А, пак, специјализираната интернет страница за следење на квалитетот на воздухот во поголемите градови и главни градови во светот, „Ај-Кју Ер“ моментално го рангира Скопје на 9-то место во светот според загаденоста на воздухот со индекс од 137, а на второ место во Европа.

Пред Скопје се само Лахор, Делхи, Ташкент, Каиро, Сараево, Киншаса, Мумбаи, Техеран, Пекинг, Ханој, Вухан и Доха.

Од европските градови во листата на топ десет најзагадени градови се најдоа и Будимпешта, Милано и Виена, додека, пак, останатите два града се Мумбаи и Ханои.

Орце Костов

Поврзани новости