Големо мнозинство Германци гледаат предности во членството на нивната земја во Европската унија, покажува истражувањето на Европскиот парламент. Седумдесет отсто од Германците сметаат дека членството во Европската унија е добро за Германија, што е значително повеќе од истражувањето спроведено во 2010 година, кога само 50 отсто од испитаниците го делеле ова мислење.
Кај помладите испитаници на возраст од 15 до 24 години позитивното мислење за членството во ЕУ е уште поголемо, а 84 отсто од нив позитивно го оценуваат членството.
Меѓу темите со кои, според мислењето на анкетираните германски граѓани, треба да се занимаваат институциите на ЕУ, е на прво место прашањето на демократијата и владеењето на правото (43 отсто), потоа иднината на Европа (37 отсто) и борбата против сиромаштијата (36 проценти). Седумдесет и два отсто од анкетираните изјавиле дека следната година ќе гласаат за Европскиот парламент.
Во исто време, истражувањето на Евробарометар покажува и пад на оптимизмот кога е во прашање иднината на Европската унија.
Педесет и осум отсто од анкетираните ја гледаат иднината на ЕУ како „прилично оптимистичка“ или „силно оптимистичка“. На последното истражување пред три години, 72 отсто од анкетираните изразиле оптимизам, што значи 14 отсто повеќе.