Истражната постапка што ја води обвинителството за осомничениот за поврзаност со убиството што се случи во март во „Шиша бар“ кому во понеделникот му беше укинат притворот, не е запрена и продолжува, а на лицето му се одредени мерки за претпазливост.
Од Обвинителството објаснуваат дека на осомничениот му истекол законскиот рок од шест месеци во притвор, па затоа му биле одредени мерки за претпезливост.
За него се уште нема обвинение, но истражните дејствија продолжуваат, велат од Обвинителството откако порталот „Скопје 1“ објави, а „Фокус“ пренесе дека осомничениот е пуштен на слобода, односно дека излегол од притворот во Шутка.
-Лицето за кое покажувате интерес е осомничено за дејствија на помагање при сторување на кривичното дело. Со оглед на тоа што во моментов притворската мерка не е неопходна за обезбедување на неговото присуство, јавниот обвинител согласно своите законски надлежности предложи таа да биде заменета со мерки на претпазливост, велат од Обвинителството.
Скопјанецот кој беше уапсен во јуни се поврзуваше со купувањето на „Аудито“ кое беше најдено запалено по двојното убиство што се случи во „Шиша бар“ кога беа убиени еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и Енес Исеинов – Љаци.
Според нашите информации, осомничениот не бил директен купувач на автомобилот, туку присуствувал кога било купено „Аудито“ кое потоа се користело за превоз на извршителите на убиството. Другиот осомничен за купопродажбата на возилото кој беше уапсен во август останува во притвор.
Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март. Четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки влегоа во барот, се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата.
Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.
Најголем дел од куршумите завршиле во Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.
По убиството беше најдено запалено „Ауди“, а покрај него беа оставени само лажни регистерски таблици.
Ф.Ф.С.