Истраги и разрешувања по анонимни пријави

До кабинетот на вицепремиерот Николовски досега пристигнале 200 претставки, од кои 60 биле од анонимен подносител.

by Фокус

Истрага за финансиски малверзации на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, постапка за измама при препродажба на земјиште од страна на лица блиски до опозицискиот лидер, разрешување од директорска позиција на сестра на политички противник од последните локални избори…

Ова се дел од постапките што ги покренаа и спроведоа одредени институции по иницијатива на вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, формирани главно врз основа на анонимни пријави што пристигнале до ова министерство задолжено за координација на институциите за борба против криминал и корупција.

Како што велат за Фокус од кабинетот на Николовски, досега примиле околу 200 претставки, кои, како што истакнуваат од таму, детално се анализираат од страна на вработените во кабинетот и се препраќаат до соодветните институции за понатамошно постапување.

„Не сите претставки што пристигнуваат се однесуваат на индиции за корупција. Меѓу нив има и претставки кои се однесуваат на неможноста на граѓаните да си ги остварат своите права во институциите, по кои, исто така, се постапува и се проследуваат до соодтвените институции“, велат од таму.

Притоа, посочуваат дека 60 од овие 200 пријави биле од анонимен подносител. Сепак, додаваат од таму, пристапот е еднаков за секоја пристигната претставка.

„Сите имаат подеднаква важност и на нив се работи согласно одредбите предвидени со Законот за постапување по предлози и претставки“, истакнуваат од кабинетот на Николовски.

Според информациите што ги добивме, пристигнатите претставки се од различни области: здравство, урбанизам, судство, адвокати, извршители, нотари, семејно насилство, мобинг и дискриминација при работа, се до индиции за корупција и криминал.

„Работата на кабинетот е секоја пристигната претставка во рамки на законскиот рок да се проследи за натамошно постапување на надлежните институции, да има заедничко и координирано дејствување на институциите, што ќе овозможи ефикасно постапување“, вели вицепремиерот за антикорупција.

Инаку, по поднесена иницијатива до кабинетот на Николовски беше покрената истрага против градоначалникот на Петровец од ВМРО-ДПМНЕ Борче Митевски, кој беше осомничен за финансиски малверзации при спроведување на тендерски постапки непосредно пред последните локални избори.

После локалните избори, пак, по анонимна претставка до Николовски беше разрешена директорката на Детскиот театар Нора Шаќири, чиј брат Арбен Шаќири беше кандидат за градоначалник на Скопје, при што жестоко му се спротивставуваше на веќе поранешниот скопски градоначалник од СДСМ Петре Шилегов.

Во меѓувреме, исто така по иницијатива од кабинетот за антикорупција, по претходно поднесена анонимна пријава, Финансиската полиција отвори предмет за измама при купопродажба на земјиште во регионот на Делчево, така што со истрагата опфатени се луѓе блиски до опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

В.С.

Поврзани новости