Скоро па една година од смрта на младите планинари Калина и Александар кои животот го загубија на македонско–грчката граница, на врвот Кајмакчалан. Во Македонија институциите се уште водат предистражна постапка заплеткана во правни процедури и меѓудржавна комуникација на релација Македонија – Грција, додека родителите на Калина и Александар се заглавени во лавиринтот на правдата барајќи ја низ надлежните институции.
Таткото на Калина, Марјан Велевски за ТВ 24 вели дека тешко е да се живее со помислата дека Калина ја нема, но истакнува дека уште потешко е тоа што се дозволи сарказам и иронија на сметка на починатите деца. Бара од надлежните што поскоро да го разрешат случајот и да ја обелоденат вистината за тоа што точно се случило на 10ти февруари минатата година.
-Целата приказна има една нитка која до ден денес не можам да се помирам. Децата исчезнуваат за да бараат некоја жена која не постои. Се плашам како што минува времето дека случајот ќе се заборави дека нема да се дознае вистината, вели Марјан Велевски, татко на Калина.
Од македонското Министерството за правда пак потенцираат дека документите кои ги побарале од грчкото министерство за правда конечно ги добиле и ги предале на ОЈО. Но, не потенцираат за какви документи станува збор.
-Списите за на грчки јазик е неопходно најпрвин да бидат преведени. Од страна на законските застапници на починатите планинари, до надлежниот јавен обвинител доставени се предлози за прибавување нови докази. Тие предлози се разгледуваат од јавниот обвинител. За правилно утврдување на фактичката состојба потребните предложени докази ќе бидат прифатени и ќе бидат обезбедени во текот на постапката пред обвинителството. По преземање на сите потребни истражни дејствија, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, се вели во соопштението на Јавно обвинителство на Република Македонија.