Предметот за „ТЕЦ Неготино“, кој тежеше околу 167 милиони евра, а за кој Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска ја запре истрагата, не бил рефериран во републичкото јавно обвинителство.
Републичкиот обвинител Ненад Савески за „Фокус“ потврди дека од републичкото обвинителство не било побарано мислење, што значи дека одлуката за запирање на истрагата била донесена во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Предметен обвинител во овој случај беше обвинителката Катерина Коларевиќ, која на денешниот брифинг за новинарите, посочи дека немала дилема за предметот и затоа не побарала мислење.
Случајот уште во 2023 година го отвори Државната комисија за спречување на корупција, а истрагата беше отворена во март лани. По 14 месеци обвинителката Коларевиќ донесе одлука да го затвори предметот.
Со оваа одлука пропадна еден од најголемите случаи, во кој имаше сомнеж за криминал од над 160 милиони евра, по сериозните сомнежи на МВР од пред околу една година дека се злоупотребувале тендери за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.
Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.
Денеска од Обвинителството информираа дела по спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.
-По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност, велат од Обвинителството.
В.В.