Со транспаренти „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, поранешните професионални војници излегоа на протест пред Владата. Тие реагираат на големите разлики во исплатата на отпремнина по законските измени и бараат еднаков третман за сите пензионирани војници, без разлика кога заминале во пензија.
„Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра“, вели Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата.
Од Независниот синдикат на професионални војници бараат вработените да добијат договори на неопределено време и зголемување на нивните плати.
„Поднесовме закон во Собранието следните седум години да нема нови вработувања, со тоа би се заштедиле од 10 до 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана со што ќе се обесштетат поранешните пензионирани војници. Освен тоа и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија“, изјави Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници.
Од Министерството за одбрана објаснуваат дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки опремнини, по законските измени е спротивно на законот.
Пензионираните професионални војници најавија дека доколку не се најде решение за нивните барања, ќе ги радикализираат протестите во повеќе градови.
фото: Независен синдикат на професионални војници