Истрагата за случајот „Банки“ и понатаму ја води Обвинителството за организиран криминал

by fokus

Иако на обвинителката Лидија Раичевиќ неодамна од раце и беше одземен предметот „Банки“, со тоа што не беше реизбрана во Обвинителството за организиран криминал, сепак овој случај и понатаму е под надлежност на ова обвинителство.

Во јавноста се појави информација дека експресно по неизборот на Раичевиќ случајот бил вратен во Основното јавно обвинителство, но од Обвинителството за „Фокус“ појануваат дека постојат две предистражни постапки поврзани со банки, од кои едната е вратена во основното обвинителство, но предметот кој се посочуваше како „виновник“ за тоа што обвинителката Раичевиќ не доби уште еден мандат, и понатаму останува во Обвинителството за организиран криминал. Поточно, за тоа дали Раичевиќ ќе добие уште еден мандат решаваше и Фиданка Раевска, член на Советот на јавните обвинители, чиј што сопруг е под истрага во „Банки“. Токму затоа се создаде сомнеж дека Раичевиќ не беше реизбрана, односно за да го изгуби овој случај.

-Во јавното обвинителство се отворени две предистражни постапки поврзани со банки. Предметот познат во јавноста како „Банки“е оформен во Основното јавно обвинителство Скопје и истиот беше побаран од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за да се изврши увид и да се утврди евентуално постоење на надлежност за овој предмет.  По извршениот увид и по прибирање на потребните списи, предметот е вратен во Основното јавно обвинителство Скопје на понатамошно постапување.

Вториот предмет е отворен во мај минатата година од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а се однесува на вработени во НЛБ Тутунска банка. Во моментов предметот е во истражна постапка и се вршат вештачења согласно издадените наредби, ни одговорија од Обвинителството.

Предистражната постапка за вториот случај „Банки“ беше отворена лани, односно на 15 мај 2017 година Обвинителството преку соопштение ја информираше јавноста за превземените дејствија.

 

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет против поранешен и актуелен директор на НЛБ Тутунска Банка, поранешен министер, адвокат, нотар и други лица, како и едно лице државјанин на Република Словенија за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Перење пари од член 273 од Кривичниот законик.

Постојат сомненија дека во периодот од 2006 до 2017 година биле преземани дејствија за основање на фирми, подигање на кредити и пренесување на парични средства во Словенија и во австриски фирми, а потоа дел од средствата се инвестирани во основање на нови фирми и купување на недвижен имот на подрачјето на град Битола. Со цел да утврди факти и да обезбеди докази, обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи издаде наредби за анализа на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финансиска и управна природа, појаснија тогаш од Обвинителството.

Валентина Вурмо

Поврзани новости