Никој не е над законот, ниту е заштитен зашто е носител на некоја функција, но никој не е ниту виновен додека тоа не се докаже, повтори денеска премиерот Зоран Заев во врска со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Заев подвлече дека како и за сите институции, така и за премиерот, министрите, генералниот секретар има контролни механизми. Тој останува на својот претходно искажан став за Рашковски, но, како што рече, истрагата треба да ги даде резултатите.
-Прво е Државен завод за ревизија, второ е Антикорупциска комисија која ја има под мониторинг Владата, на крајот се истражните органи, Јавното обвинителство, судовите. Постојат контролни механизми, сигурно има и други институции надлежни во однос на јавните институции. Така и за генералниот секретар. Тој не е ни повеќе ни помалку од останатите. Се прават редовни, но и ад-хок контроли. Во Владата многу често е присутна контрола за економски криминал, зашто јавноста бара, присутна е контрола за организиран криминал, а постојано истражува и Антикорупциска, истакна Заев, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на американската компанија „Кемет Електроникс“.
Според него, транспарентноста и отвореноста на Владата која им овозможува увид на сите, не само на новинарите, денес е огромна предност за земјата.
-Ве повикувам да го прочитате Деловникот за работа на Владата и Законот за Влада. Ќе ги видите јасно опишани надлежностите на генералниот секретар. Тој управува со Владата, владиниот Кабинет и со Генералниот секретаријат. Од тука може да се види од каде се црпат надлежностите за одредени постапки како софтверски решенија, анализи, студии, набавки на опреми, објасни Заев.