Истрагата против Срѓан Керим, кој е еден од 26-те нови членови на Стратешкиот совет за надворешна политика, советодавно тело на Министерството за надворешни работи, е активна и е вклучена во истрагата „Империја“, велат за „Фокус“ извори од Обвинителството за постапката што се води против него за пропаѓањето на Медиа принт Македонија, компанијата која ги издаваше трите дневни весници „Утрински“, „Вест“ и „Дневник“.
Според нашите извори, за овој дел во кој се сомничат Керим и поранешната директорка на МПМ, Јана Станисављева, собрани се сите материјални докази, но е дел од „Империја“, предмет во кој еден од главните осомничени е Орце Камчев, за којшто се уште нема обвинение.
Во делот од постапката што се води против Керим, тој и Станисављева се товарат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите.
Постапка за овој случај имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.
Истражители на СЈО влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев. Медиа Принт Македонија е во стечајна постапка, а доверителите останаа со ненаплатени долгови.
Поранешните новинари и поранешни вработени во МПМ кои останаа и без работа и без плати, во отворено писмо до јавноста Керим го нарекоа гробар на најквалитетните весници во Македонија.
Керим е долгогодишен дипломат, кој извршувал високи функции уште за време на социјализмот, што, според упатените, делумно е резултат и на блискоста на неговото семејство со првиот македонски претседател Киро Глигоров.
По прогласувањето на независноста на Македонија, тој беше македонски амбасадор во Германија, во време кога изби афера за стопанисување со македонски имот во оваа држава.
Исто така, Керим беше министер за надворешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љупчо Георгиевски во периодот 2000-2001 година, кога државата се соочуваше со бројни политички и безбедносни предизвици.
После тоа, Керим го достигна дипломатскиот врв со претседавањето со Генералното собрание на Обединетите нации, меѓутоа не успеа да ја оствари амбицијата да стане генерален секретар на ОН.
За време на владеењето на Никола Груевски, Керим не ја криеше блискоста со високи владини функционери, вклучително и тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Во една од објавените „бомби“, Мијалков говори дека токму преку Керим влијае врз трите весници на МПМ.
Поради блискоста со Мијалков, Керим се споменуваше и како можен претседателски кандидат на ДПМНЕ, меѓутоа и на двата изборни циклуси партијата одлучи да го кандидира Ѓорге Иванов, во кој, според тогашните информации, Груевски имал поголема доверба.
Името на Керим се врзуваше со повеќе афери, меѓу кои е и аферата “пари во шише“, која остана нерасчистена до крај. Воедно, дел од медиумите пишуваа дека спорен е неговиот докторат.
Во последно време, поголем дел од времето Керим го поминува во Хрватска.
Ф.Ф.С.