Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица – еден осомничен за извршување и две лица за помагање при сторување на кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот 49-годишник, во неговата куќа на улицата “Петар Алчев” во Велес, преработувал наркотична дрога кокаин и тоа од чист кокаин во крек кокаин. Во тоа со умисла му помагале 33-годишна велешанка и 43-годишен велешанец, кои престојувале во неговиот дом, така што му ставиле на располагање средства за извршување на делото.
При претрес во куќата биле пронајдени 994,8 грама чист кокаин.
Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка предложи мерка притвор за двајцата помагачи. За првоосомничениот, со оглед на неговата здравствена состојба и неподвижност, предложена е мерка куќен притвор со дополнителни мерки на претпазливост за обезбедување присуство и спречување на секаков контакт со останатите двајца осомничени.