Шефот на скопското вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи е под истрага, по пријава на вработени на кои им е шеф, но и поради сомнеж за местење на предмети, дознава ,,Фокус”.
-Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување.
По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него,информираа од Обвинителството.
Како што дознаваме, истрагата е отворена по поднесената пријавата против обвинителот Хајрулахи од пет вработени за мобинг, за што веќе пишуваше неделникот ,,Фокус”, а потоа биле приберени и докази кои отвориле сомнеж за местење на предмети во работа кај одредени обвинители.
Извештајот од контролата на ова обвинителство, што ја вршеше републичкото обвинителство, пак е во финална фаза, а допрва ќе биде познато и дали ќе бидат откриени дополнителни нерегуларности.
В.В.