Истрага за издадените дипломи на Универзитетот и нивна злоупотреба во натамошното образование, бара Најчевска

by fokus

Прво и основно треба да се активира образовниот инспекторат кој треба да напарави опсежна истрага за издадените дипломи на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, смета Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за политички, правни и социолошки истражувања откако Државната комисија за спречување на корупцијата откри дека, не само синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, туку и други над 400 студенти се стекнале со спорни уверенија на правниот факултет на овој Универзитет.

-Потоа треба да се испита (зло)употребата на овие дипломи во натамошното образование, во полагањето стручни испити и посебно во запослувањето во државни институции.. вели Најчевска.

Според неа, во ваква ситуација (во која што постојат индикации за сторени кривични дела – измама, фалсификат, злоупотреба на службената должност, …) одговорноста е споделена и префрлањето не може и не смее да ги запре правосудните органи во спроведување опсежна и обемна истрага.

Кај секоја од овие институции, Универзтитет, Министерството за правда, Министерството за одбразование и наука и кај инспекциските просветни служби, како што вели Најчевска, има можност за идентификување одговорност за направени (намерни или ненамерни пропусти), можна одговорност за корупција, злоупотреба на службената должност или несовесно вршење на работата.

-Во секој случај со одговорноста мора да бидат опфатени (по принципот на командна одговорност) сите раководни структури кои требале/морале да знаат и да спречат било каков вид на манипулација со образовните дипломи, додава таа.

За информациите што излегоа во медиумите дека министерот имал дискреционо право да дозволи предвремено полагање на правосуден испит, Најчевска вели дека таква одредба не постоела.

-Јас не можам да најдам законска одредба со која на министерот му се дава ваков вид дискреционо право. Доколку постои ваквата одредба би претставувала упад во автономијата на Универзитетот, атак врз системот на владеење на правото и правната сигурност и во секој случај отворена врата за корупција и дискриминација.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости