Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека било вклучено во дејствија на кривично дело – Грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Информациите се дека ова соопштение се однесува на грабнувањето на Самоил Костадиновски кој е исчезнат од 3 март годинава.
„Осомничениот на 3 март, заедно со уште две други лица против кои веќе се води истрага, учествувале во дејствија на грабнување на едно лице во Кисела Вода. Се преземаат дејствија за лишување од слобода на осомничениот“ стои во соопштението на Обвинителството.
Јавното обвинителство води постапка против двајца за кривично дело грабнување на кои им е определена мерка притвор.
Сивиот „опел“ во кој киднаперите го возеле Костадиновски беше запален и целосно изгорен.
Пред три дена во скопско Лисиче нападнат беше и таткото на Самоил. Тој со прострелна рана беше пренесен на скопските Клиники.