Европскиот парламент усвои извештај во кој меѓу другото апелира за покренување независна истрага против комесарот за проширување Оливер Вархеи во врска со неговото однесување со земјите кандидати за членство во ЕУ.
Одредени пратеници во Европскиот парламент за српските медиуми изјавиле дека Вархеи ги минимизира неуспесите на Србија да ги спроведе реформите и дека бара од луѓето во неговите дирекции да ги разубавуваат извештаите за напредокот на земјите кандидати.
Суштината на барањето за отворање истрага против Вархеи е сомнежот дека тој ги „минимизирал неуспесите на Србија да спроведе соодветни реформи во однос на владеењето на правото и независноста на институциите, како и слободата на медиумите, што прави да изгледа дека тој се обидел да ја стави Србија во поповолна положба“.
На претходната седница на Европскиот парламент, парламентарците со големо мнозинство го поддржаа усвојувањето на амандманот со кој се бара покренување истрага против еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Амандманот, кој стана составен дел на резолуцијата, изразува длабока загриженост поради извештаите дека Вархеи „намерно се обидува да го заобиколи и поткопува централното значење на демократските реформи и реформите на владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ“.
Европратениците побараа од Европската комисија да започне независна и непристрасна истрага за тоа дали однесувањето и политиките што ги спроведува комесарот претставуваат кршење на Кодексот на однесување за членовите на Комисијата и договорните обврски на комесарот.