Претседателот Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со ковид-19 се одржува дигитално.
„Ме радува што ниту пандемијата не не спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини. Прво, одбележуваме значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис. Во 1945-та го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усмена и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука“,вели Пендаровски.
Сепак, наведува шефот на државата, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик.
„Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик“, нагласи Пендаровски.