Денеска на пленарна собраниска седница прва точка на дневниот ред е предлогот за разрешување на министрите Азир Алиу и Фатмир Меџити од редовите на Алијанса за Албанците.
Министерот за информатичко општество и администрација, Алиу на својот Фејсбук напиша: „Историски ден, пријатели“
Тој објави и фотографија од мониторот пред неговото столче во пленарната сала на Собранието.
Двајцата министри застанаа зад лидерот на партијата, Арбен Таравари, по што дојде и предлогот за нивно разрешување.
Барањето за нивно разрешување вчера беше доставено до Собранието од страна на премиерот на техничката влада Талат Џафери.
Пред почетокот на денешната седница, пратеникот и координатор на пратеничката група на Алијанса за Албанците, Аднан Незири, кој е дел од т.н. крило на Зијадин Села во Алијанса, изјави дека имаат мнозинство за разрешување на двајцата министри од оваа партија. Незири ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање бидејќи за разрешување на двајцата министри е потребно апсолутно мнозинство, односно треба да гласаат мнозинство од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно најмалку 61.