Претседателот на државата, Стево Пендаровски ќе има средба со претставници на Македонците кои живеат во Бугарија, дознава „Фокус“.
Имено, партијата на македонското малцинство во Бугарија, ОМО Илинден Пирин доставила барање до претседателот за средба, на кое тој позитивно одговорил.
Од Кабинетот на Пендаровски за „Фокус“ потврдуваат дека претседателот прифатил средба со ОМО Илинден Пирин, а останува дополнително да се утврди датумот.
Барањето е добиено и претседателот Пендаровски ќе ги прими претставниците на ОМО Илинден. За точниот датум ќе информираме дополнително, кусо одговараат од Кабинетот.
И копретседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков потврдува дека испратиле барање и добиле позитивен одговор од Пендаровски, но поради Ковид ситуацијата датумот треба дополнително да биде утврден.
Уште во декември „Фокус“ испрати прашање до претседателот Пендаровски дали доколку претставниците на Македонците кои живеат во Бугарија (ОМО Илинден Пирин и другите организации) побараат средба, тој би ги примил.
Претходно, во интервју за „Фокус“, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков рече дека не очекуваат покана за средба со некој од македонските државници, а и нема такви најави.
Би биле многу изненадени, ако добиеме покана. Македонските државници и политичари немаат таков обичај. Никогаш немале. Грижата за Македонците надвор од Р. Македонија не им е приоритет. Освен тоа не очекуваме покана ниту од бугарските институции. А тие би требало да не канат – ние сме државјани на Бугарија, рече тогаш Стојков.
Катерина Смилева Божиновска