Пишува
Александар ТОРТЕВСКИ
Историјата секогаш ќе ви испрати фактура за сѐ што било кога сте направиле. Особено за грешките и тоа со правопропорционалност помеѓу тежината на глупоста и грешката со последицата која ќе ве погоди. Ретки се големите играчи на светската политичка сцена на кои не им била испорачана историски заслужената фактура.
Последниве настани и трагедијата која го погоди поголемиот дел од арапскиот свет покажуваат сериозни знаци дека за грешките (се сомневам дека се грешки) на т.н. големи сили САД и Велика Британија цената ќе ја платат најмалите и најсиромашните народи, а особено оние на чие тло се одвиваат воените дејствија кои се закануваат во бегалци да претворат повеќе од 100.000.000 луѓе од кои 40.000.000 ќе ги имаат сите услови да го прифатат радикалниот ислам.
И кој ќе ја плати цената на огромната желба за моќ и пари на т.н. воено – индустриски комплекс (историски нераскинлива спрега помеѓу производителите на оружје и највлијателните политичари на т.н. западна цивилизација? На ниту еден од политичарите кои измислуваа приказни за „хемиското оружје“ на Садам Хусеин нема да му фали ниту влакно од главата. Напротив нивните банковни салда се сѐ поголеми.ПАРИТЕ ИМ СЕ ПОБИТНИ ОД ЛУЃЕТО
Тони Блер во моментов тежи преку 80.000.000 евра а деновиве призна дека нападот врз Ирак бил грешка. Тоа што таа грешка предизвика вистински егзодус на милиони Ирачани тоа никого не го интересира. Деновиве се појави на видело и тајниот договор меѓу Блер и Буш со кои тие се договориле да го нападнат Ирак повеќе од еден месец порано пред да ги добијат фингираните разузнавачки информации за наводното поседување на Хусеин на хемиско оружје.
Доколку некој друг политичар од други земји направи слично злосторство (веќе не велам грешка) секако дека западната цивилизација ќе најде начин и средства да го седне на обвинителна клупа за злосторства против човештвото. Ова правило секако не важи за американските и британските политичари. По ваквите грешки тие само повеќе се богатат.
Блер сега е консултант на колумбиската влада а хонорарот му го исплаќа фирма од Абу Даби. А патем знае да цепне и по 8.000 евра за минута предавање какво што одржа во Скопје обидувајќи се да нѐ убеди дека инвеститорите од типот на Субрата Рој се нашата иднина и дека дружењето со такви типови ќе ни донесе благосостојба. Впрочем, некој и од кај нас се опари со давањето на државјанство на членови на семејството на Субрата Рој.
Само е прашање на време кога недвосмислено ќе се докаже дека дестабилизацијата на Либија и Сирија биле „грешки”. Пред западната цивилизација да ги замеша прстите во овие држави таму имаше мир. Можеби правата и слободите не беа на скандинавско ниво меѓутоа овие држави можеа да се пофалат со секуларен систем со апсолутни верски слободи за сите. Бесплатно и квалитетно здравство и квалитетно образование со огромна грижа на државата за решавање на станбеното прашање особено на младите.
Овие држави немаа долгови. Либија имаше 50 милијарди девизни резерви. Не треба ни да се праша како е сега таму. Милиони бездомни луѓе кои не знаат од кого да се плашат. Дали од авионите на сопствената држава? Дали од руските авиони? Дали од американските авиони? Дали од припадниците на ИСИЛ или од локалните милиции кои се создадоа во секое село?
И сега нѐ убедуваат дека сето ова било за нивно добро. Требало да добијат повеќе демократски права. За нивно добро западот се замешал а тоа што случајно се појавил ИСИЛ тоа е еден несакан ефект како кај секој лек, брзо ќе помине.
Уште еднаш недвосмислено се докажува тезата дека големите сили немаат вечни пријатели. ВЕЧЕН Е САМО НИВНИОТ ИНТЕРЕС. Само за илустрација на дволичноста на нивната политика ќе потсетам дека најголем и најверен сојузник на САД на блискиот исток е Саудиска Арабија. Веројатно најтврдокорната исламска држава на светот. Држава која ги финансира исламските факултети каде што се изнедруваат најтврдокорните исламски конзервативци вахабисти. Основа на нивното учење е омраза и убивање на неверниците. Кон сѐ што не е муслиманско на овој свет.
Имамите образовани во долината Фатва во Саудиска Арабија подоцна одат по целиот свет и ја шират омразата и ги регрутираат младите за нивните фанатични цели. Таму сѐ уште женското неверство се казнува со смртна казна (се извршува со каменување или со јавно обезглавување на жената). Впрочем во петокот осудија новинар на смрт за написан текст. Таму судии се високи исламски свештеници. Тоа е најголемиот сојузник на најдемократската земја на светот. А можеби пријателството почива и на парите. Саудиска Арабија за првата пустинска бура „доброволно” плати 740 милијарди долари како логистичка поддршка на сојузничката војска.„ПРИНЦИПИЕЛНИ“ ГОЛЕМИ СИЛИ
Колку големите светски играчи се принципиелни ќе потсетам со неколку примери. Творецот на иранската исламска револуција имамот Хомеини долги години живееше во Франција и спонзориран од истата ја изведе револуцијата и го урна шахот Реза Пахлави и ја прогласи првата исламска република во историјата. Советите во тој период се замешаа во Авганистан, а САД ја создадоа Ал Каеда со цел да им се спротистави на Советите.
Неколку години подоцна Ирак предводен од Садам Хусеин со поддршка од САД го нападна Иран и за целото време Саудиска Арабија и сите пребогати земји од Заливот му даваа огромна поддршка на Садам Хусеин. Се сеќавам дека ирачките војници во бункерите имаа фрижидери со ладни пијалаци, а Иранците измислија живи чистачи на мини и праќаа илјадници деца да трчаат низ минските полиња за подоцна да може да помине регуларната војска.
Како подоцна заврши тогашниот американски сојузник сите знаете. Подоцна Иран речиси 30 години беше најголемиот непријател на САД. Денес битката против ИСИЛ не може да се замисли и води без иранска поддршка. Турција е „голем сојузник“ на западниот свет и војува против сирискиот претседател Асад и наводно против ИСИЛ ама од нив купува нафта. Курдите се сојузници на САД и машки се борат против ИСИЛ ама Турција е во војна со нив.
Сѐ додека ова лудило се случуваше на арапско тло, западната цивилизација на сето тоа гледаше како на настан сличен на гладијаторските борби во римските колосеуми. Се убиваа меѓу себе сунити и шиити а Запад тоа го набљудуваше од ложата на „Колосеумот” при тоа сметајќи кој колку ќе заработи од меѓусебните војни на поделените муслимани.
Кога реката бегалци потече кон Европа и кога се случи Париз „големите аналитичари” и сериозни служби разбраа дека долгогодишното играње со оган на Блискиот исток на крајот може да се развие во пожар кој ќе ја запали Европа. И сега старите курви Англичаните ќе излегувале од Европската Унија, а Америка ќе примела 10.000 бегалци. Ќе се прекршат. Па 10.000 поминуваат само за 3 дена низ Македонија.ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПЛАТИ ФАКТУРАТА
Цивилизираниот свет мора воено да го порази ИСИЛ и тоа на терен. Со фрлањето бомби од далеку убиваат многу повеќе цивили од чии семејства подоцна ИСИЛ регрутира нови борци. На пример Мосул, град со 1.5 милиони жители е окупиран од 7.000 припадници на ИСИЛ. Како со бомби ќе се погодат токму тие 7.000 ектремисти.
По воената победа над ИСИЛ светот мора да започне нов Маршалов план и да го врати спокојството, мирот и благосостојбата на луѓето кои што живеат во тие краеви. Најголем број од нив не се виновни за трагедијата што им се случува. Впрочем Америка со Маршаловиот план ја возобнови од Втората светска војна уништената Европа.
Посебен акцент беше ставен на обновата на Германија иако таа ја започна и до крај ја водеше војната. Во однос на фактурата за обнова на регионот е лесно да се направи математика. КОЈ КОЛКУ БОМБИ ФРЛИЛ ВО РЕГИОНОТ ТОЛКУ БЕГАЛЦИ НЕКА ВДОМИ? КОЈ КОЛКУ ПРОФИТ ОСТВАРИЛ ВО ТОЈ РЕГИОН ТОЛКУ НЕКА ПЛАТИ. Само така може да се победи идеологијата на радикалните имами од Саудиска Арабија. Инаку тие лесно ќе наоѓаат лековерни момчиња и девојки за нивните самоубиствени мисии.
Лесно е некој кој живее во мизерија, без никакво образование без пристап до вода за пиење да се убедува дека Западот и неверниците се виновни за нивната трагедија и дека самоубиствената мисија е единствено решение кое подоцна на другиот свет ќе биде богато наградена.
Впрочем не сум чул дека некој жител на Дубаи, Кувајт или Катар извршил такво нешто. Та не се улави. Имаат по 4 жени, живеат во палати, возат најбесни автомобили, скијаат среде пустина и омилените камили ги ранат со мед и ореви за да победат на трките. За нив не е потребен Маршалов план, но нам ни е потребен и тоа итно.