Посебните предмети уште од оваа година треба да почнат да функционираат и ќе функционираат како посебни предмети, барем општествените, зашто тие се проблем – историја, географија, граѓанско образование.
Оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети, а во соработка со Бирото за образование уште веднаш почнуваме да работиме на новите програми и планови, да ги одделиме посебните предмети, да имплементираме она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект, за следната 2025/2026 година да бидеме комплетно готови со надградената, променета концепција, со нови наставни планови и програми и со нови учебници, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа уште утре ќе има средба со СОНК за да почнат, како што рече, првите преговори околу динамиката за подобрување на сите услови на вработените во образованието, а веќе се размислува, напомена, и како ќе одат покачувањата на платите.
Според Јаневска, и за студентите се прават анализи, со оглед дека новата Влада наследила лоша состојба во Буџетот и итно мора да прави ребаланс кој сигурно ќе се случи во јули.
Во врска со е-дневникот, системот ќе стартува, истакна, кога ќе помине периодот на тестирање и на обука, а дотогаш ќе се работи со стариот е-дневник.
-Ветивме дека до крај на мандатот ќе го потпишеме колективниот договор и тоа ќе се случи.
Веќе почнуваме да размислуваме како ќе одат покачувањата на платите во текот на овие години до потпишување на колективниот договор. Во однос на помошта, не се само студентите.
Не е исплатена и помошта на учениците. Вчера почнавме да ги правиме пресметките и анализите зошто не е исплатена.
Исплатена е само за декември, правиме голем напор да се исплтат барем за јануари и февруари, во една транша, па потоа да ги доисплатиме и останатите.
Јас и пред да станам министерка велев, молам за трпение, се ќе биде направено.
За два дена сторивме многу, ќе проодлжиме со исто темпо и тоа што сме го ветиле, ќе го реализираме, потенцира Јаневска, одговорајќи на новинарски прашања пред промоцијата на новиот Информациски систем за управување со образованието.
За концептот што го воведе нејзината претходничка Мила Царовска, Јаневска рече дека нема во целост да се менува и дека добрите решенија ќе останат.
-Не најавив укинување на таа концепција, туку промени, реформа во таа концепција.
Многу пати кажав дека би сакала да имаме некаков контиунитет во образованието и сега велам, тоа што сметаме дека во концепцијата е добро, а има добри нешта, ние ќе ги завршиме.
Од вчера, од мојот прв ден во МОН, бараме начини како да ја подобриме, измениме и доградиме концепцијата. Денеска ќе се сретнам со директорот на Бирото за образование за да се договориме за деталите.
Она што е ветено, ќе се оствари, подвлече министерката. Се осврна и на ветеното мапирање во првите 100 дена.
-Тоа е веќе почнато, иако само два дена се во прашање, за да овозможиме подолга целодневна настава и едносменска настава во школите.
Откако релативно брзо, во текот на летото, ќе ја добиеме реалната состојба, а некои и ќе ги посетиме физички за да видиме што се случува, ќе направиме план, секаде каде што има услови, да се почне со целодневна настава барем до четврто одделение и со едносменска настава.
Бирото се подготвува да го среди наставните планови и програми за подолг престој на децата во училиште и тоа се однесува главно на изборните предмети, како дополнителни часови по математика, македонски, англиски јазик, драмски секции, хор, оркестар, сликање, животни вештини,.
. . , со тоа ќе им го пополниме времето за да не мислат децата дека шест до осум часа ќе мора да стојат над книга.
Во меѓувреме ќе имаат слободен час да напишат домашпно, да научат како се прави проект,. . . Во колку што е можно училишта тоа ќе го направиме веднаш.
Како ќе создаваме услови, така ќе го имплементираме истото, рече Јаневска.
Еден од приоритетите, дополни, ќе биде и работата со талентирани ученици, а во фокус ќе биде и средното стручно образование кое ќе се доусовршува со практично учење во компаниите.
-Немаме време да одиме чекор по чекор, ќе одиме на паралелни линии. Нема да биде изоставено високото образование, каде се потребни исто така значајни промени.
Се надевам дека идната недела или после неа, ќе се сретнам со Управата на универзитетите. И тоа мора брзо да се заврши, да се договориме каде ќе се движиме понатаму, информира Јаневска.
Се осврна и на е-дневникот кој, рече, е убедена дека ќе биде функционален.
-Е-дневникот е инструмент што може да даде многу податоци кои понатаму ќе се користат за анализи на образовниоот систем од кои, пак, ќе можеме да извлекуваме заклучоци.
Убедена сум дека проектот ќе биде функционален, за разлика од претходниот кој имаше потешкотии.
На пример, наставниците мораа ноќе, во еден или во два часот да се приклучат за да можат да сработат она што им е обврска во Е-дневникот. Сега тоа нема да се случи.
Денеска почнуваме со дигитализација. Ќе дозволите еден период за тестирање на системот, да увидиме дали се функционира како што треба.
Верувам дека ќе биде така, но ако има нешто што треба да се промени, да се промени, за да стане комплетно функционален и да го прифатат наставниците со одредени обуки.
Во претходниот Е-дневник, од за мене непозната причина, изостаноците се бришеа, што е апсолутно недозволиво.
Не велам дека тоа беше масовна појава, но се случуваше некои оценки преку ноќ да бидат променети. Сега за такво нешто ќе има забрана и тоа нема да се случува, нагласи министерката.
Ќе се направат напори системот да се профункционира и во градинките.
-Владата предвидува градинките да влезат во рамки на МОН, но не можам да кажам во кој период ќе се случи тоа со оглед дека се случуваат бројни реструктуирања во корист на граѓаните.
Дозволете извесен перод да ги привршиме тие работи, за да имаме целосен, интегрален образовен систем, од предучилишно до високо и поствисоко образование, заклучи Јаневска, порачувајќи дека ќе продолжи соработката со европските партнери и дека ќе се надградуваат и дополнуваат, со нивна помош, сите проекти за подобрување на националното образование во сите области – настава, дигитализација и интеграција.