За време на атлетскиот муднијал што деновиве се одржува во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан одржува бројни билатерални средби со претседатели на неколку централноазиски држави, но и од Западниот Балкан, испраќајќи сигнали за континуираното движење на земјата кон источната сфера на влијание.
Емирот на Катар, претседателите на Турција и на Србија, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, како и на Азербејџан, Киргистан, Узбекистан и Туркменистан се само дел од соговорниците на Орбан, познат по агресивниот став кон неговите западни партнери.
Поканетите гости Орбан ги опиша како пријатели на Унгарија, а планираната серија на состаноци е само дел од дипломатска стратегија „Источно отворање“ која во голема мера се потпира на партнерства и трговски договори со земји како Русија и Кина.
Токму составот на гости, без лидери на земји кои се унгарски сојузници во Европската Унија и во НАТО, ја одразува намерата на Орбан за зголемување на дипломатската, политичка и економска соработка со автократиите на Балканот и во Азија.
По средбата, пак, со претседателот на рускиот регион Татарстан, Рустан Миниханов, Орбан изрази подготвеност на унгарските компании за проширување на нивната дејност во Русија, особено во делот на земјоделството, и покрај политичките потешкотии. Унгарија има долгогодишни блиски односи со Татарстан, каде најголемата нафтена и гасна комапнија е вклучена во заеднички проекти.
Унгарија во петокот потпиша договор со израелски и германски комапнии за производство за беспилотни борбени летала, како дел од напорите за модернизација на својата воена и одбранбена индустрија, а одржува блиски врски со Москва по руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, зголемувајќи ги испораките на руски гас и нафта и одбивајќи да го поддржи Киев со оружје.