Истиот бизнисмен им го црта патот и на „специјалната“ и на „организираната“

by Fokus

Во мигот, политичкото и бизнискрилото на госпоѓата „организирана јавна“ извојува победа и ја води играта, играјќи си со законот, правдата и правичноста, но повторувајќи ги истите слабости и начин на игра на „специјалната“

Звонко ДАВИДОВИЌ

Рано септемвриско утро, 2015 година. Поради нефункционирањето на редовното обвинителство, а особено на обвинителството за организиран криминал и корупција се формира Специјално јавно обвинителство. Лидерите на четирите најголеми парламентарни партии цела ноќ преговараат за изборот на специјалниот јавен обвинител. Атмосферата вжештена, а граѓаните во исчекување.

Сета таа напнатост, нервоза и надеж наликува како да се избира папа. Некаде во мугрите бел чад. Долго очекуваното Специјално јавно обвинителство почнува да живее преку својот прв обвинител, госпоѓата специјална јавна обвинителка Катица Јанева, за која времето ќе покаже дека е воедно и последна госпоѓа специјална јавна.

Многу бргу, покрај госпоѓата специјална јавна во јавноста симпатиите ги добиваат уште две грации од СЈО и го чинат светото тројство, кое треба да донесе спас на македонското правосудство, правда и правичност, да се справи со крупниот криминал во политичките и бизнис-круговите и да ја ослободи заробената држава.

ДЕЖА ВУ СИТУАЦИЈА

Ликовите и силуетите на трите грации од СЈО се на секој чекор, песни се пеат за нив, поддршка добиваат на секој чекор. Почнуваат прес-конференциите на СЈО, народот во исчекување да ја слушне вистината и на дело да ја види правдата.

Одминува време, се нижат месеци во кои единствениот резултат што го покажува госпоѓата специјална јавна и нејзиниот тим се празните зборови искажани на веќе традиционалните прес-конференции, без ниту едно подигнато обвинение.

Граѓаните во исчекување, осумнаесет месеци предвидени за подигање на обвиненија бргу изминуваат. Првите процесуирани предмети помалку разочаруваат затоа што се ситни, мали, смешни во однос на она што се случуваше во нашата земја и со она што беше констатирано од „бомбите“. Но, ајде од некаде мора да се почне, коментираа најголемите оптимисти, па и гаќите на Ивона (Тифани) викендичката на Латас (Тревник) и шамарите во Центар им наликуваа на некаква правда во недостиг од никаква правда.

Поминаа 18 месеци и се поднесоа обвиненија, кои и по својата бројка (сѐ на сѐ 20 обвиненија) и по својата содржина разочараа многумина. Сите предмети носеа имиња на Т, освен еден, кој го крстија „Империја“.

Почнаа судењата, но почнаа и работите и работењето на СЈО да наликуваат на „дежа ву“. Почнаа тегавењата во судница, безброј одлагања, замрзни па одмрзни имот, притвори па пушти. Полека, но сигурно, СЈО се претопуваше во сивилото на просечноста и некадарноста.

Бегството на Груевски само ја отвори Пандорината кутија, која очигледно никогаш и не била затворена и ги покажа сите слабости, кои СЈО не смееше да ги има. Неколку месеци подоцна, госпоѓата специјална јавна заврши во притвор. Заврши таму каде што ги праќаше некои од актерите во нејзините предмети, па ги пушташе, но неа таму ја прати една друга госпоѓа јавна, госпоѓа организирана јавна. Токму онаа госпоѓа организирана јавна, која не ја работеше својата работа и поради која ѝ беше измислена госпоѓата специјална јавна.

НОВ ШЕРИФ ВО ГРАДОТ

Госпоѓата организирана јавна не беше толку креативна, па имињата на своите предмети им ги даваше како во Холивуд: Роки 1, 2 и 3, па така заживеаја Рекет 1, 2, 3, па и 4. Почна госпоѓата организирана јавна да се однесува како специјалната јавна, па почнаа смешни и нелогични прес-конференции, тактизирање и прекројување на вистината, саморекламирање и заканување кон судиите.

Се појави нов шериф во градот со ист ментален склоп, особини, знаење и умеење. Сево ова не беше судир на правдата и неправдата, не беше борба за право и закон, туку борба за влијание и превласт на две политички и бизнис-крила и спасување на кожата. Во мигот, политичкото и бизнис-крилото на госпоѓата „организирана јавна“ извојува победа и ја води играта, играјќи си со законот, правдата и правичноста, но повторувајќи ги истите слабости и начин на игра.

Селективноста, двојните аршини, постапување надвор од законот и кодексот на однесување, бахатоста, суетноста и самобендисаноста комбинирани со незнаење и некадарност, ќе ѝ го исцртаат истиот пат и на оваа госпоѓа јавна, како и на претходната, особено ако се има предвид дека истиот бизнисмен на кого се сопна специјалната јавна станува полека камен кој сѐ повеќе се тркала во дворот на организираната јавна.

Ниту еден закон за јавно обвинителство, јавна дебата или критика нема да го сменат менталниот склоп и клиентелистичкиот однос на која било госпоѓа јавна, сѐ додека не се изврши евалуација на работењето на сите обвинители и судии, утврдување на одговорноста и санкционирање на истите и расчистување и проветрување на обвинителството и судство, во кое ќе нема место за политичарите и бизнисмените, но и за вакви госпоѓи јавни…

Поврзани новости