На полноќ истекува рокот во кој компаниите може да поднесат барање до Управата за јавни приходи за мерката за исплата на финансиска поддршка за исплата на платите за април годинава во износ до 14.500 денари месечно по вработен. Аплицирањето за оваа владина мерка за поддршка на најпогодените компании од кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 почна на 1 мај, а досега барање поднесоа над 19.000 компании.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера упати апел до сите компании кои ги исполнуваат условите за мерката за поддршка на платите, да аплицираат за добивање помош и нагласи дека очекува тоа да го направат голем број од нив.
-Во изминатите два месеца како резултат на негативните последици кои ги предизвика коронавирусот КОВИД-19 врз економијата, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании, но и за најзагрозените граѓани. Дека мерките се фокусирани да ги дадат најдобрите резултати врз економијата покажува и големиот интерес на компаниите и граѓаните за нивното користење. Радува што заклучно со денеска над 19.000 компании поднеле барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен, рече Бектеши на вчерашната прес-конференција во Владата.
Со оваа мерка, како што нагласи, се овозможува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места.
Барање за финансиска поддршка – образец БФП-ИП се поднесуваат до Управата за јавни приходи преку системот е-даноци, најдоцна до 7-ми мај, за исплата на платите за април, односно до 7-ми јуни за исплатата на платите за мај.