Истекува рокот за номинирање претставници во работната група, ВМРО, Алтернатива, Левица, ДС ќе ја бојкотираат

by fokus

Рокот за номинирање претставници во работната група за измени на Уставот што Министерството за правда им го даде на институциите и политичките партии истекува денеска.

Освен парламентарните политички партии во работната група при Министерството за правда претставници треба да номинираат и од Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право.

И додека во јавноста викендов се лицитираше со можните имињата на членовите, дел од политичките партии на дописот од Министерството за правда одговорија негативно. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.

На дописот од Правда, први се одѕваа Претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.

Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела порача дека процесот на уставни измени е внатрешно прашања на Република Северна Македонија, што е и обврска поврзана со пристапните преговори со Европската Унија, согласно што и работната група во Министерството за правда треба да изработи предлог којшто одговара на македонското општество, на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја – членка на ЕУ.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

Социјалистичката партија на Македонија, во соопштение до медиумите, информираше дека нема да партиципира во работната група на власта која, како што наведуваат „нема мандат ниту легитимитет за вакви уставни промени“ и дека таа „треба да се формира дури откако ќе се изгласа потребата за промена на Устав во Собрание, со потребното двотретинско мнозинство“.

Демократскиот сојуз, исто така, информираше дека нема да партиципираат во работната група за промена на Уставот, посочувајќи дека „сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, не треба да се почнува постапка за промена на Уставот.“

И Левица преку соопштение од медиумите, информираше дека партијата одлучно ја одбива поканата за учество во работните групи за уставни промени.

Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, на прес-конфернција изјави дека Алтернатива нема да учествува во работната група за измени на Уставот. Причината за ваквата одлука, како што посочи Ибрахими, е што за нив не може да има работни групи за изготвување или подготовка на уставните измени додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кој мора да се отвори патот кон интеграција на државата во Европската Унија.

Според претходно објавените информации, постапката за уставни измени, односно промена на Преамбулата на Уставот, треба да заврши најдоцна до ноември годинава, по завршувањето на скринингот на ЕУ.

Поврзани новости