Истата фирма која ја водеше кампањата на Арсовска за изборите ќе и го „подобрува“ и имиџот во Град Скопје

by Fokus

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска решила преку маркетинг агенција да си го подобрува имиџот, односно со промоција на кампањи за посебни активности на Град Скопје, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, станува збор за агенцијата „Елемент ПР“, а тоа го потврдуваат и податоците на Бирото за јавни набавки, каде може да се забележи дека тендерот го добила токму оваа фирма, а договорот е склучен на 31 август, 2022 година, бизнис зделка вредна речиси 92 илјади евра.

Според БЈН, на тендерот се пријавила само една фирма, која е и победничка.

Во склучениот договор, се наведува дека маркетинг агенцијата се ангажира за подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на Град Скопје во времетраење од една година.

Како се одвивала целата тендерска процедура не е познато, со оглед на тоа што според досегашната пракса, условите може да се наместат за да одговараат на фирмата, која конкурира.

Останува нејасно зошто воопшто има потреба од дополнителна фирма, која ќе работи на подобрување на имиџот, со огглед на тоа што Град Скопје веќе има служба за односи за јавност.

Тоа што е чудно е што тендерот го добива  истата фирма „Елемент ПР“, која претходно ја водеше и кампањата за локалните избори на Арсовска, која настапи како независен кандидат поддржана од гласовите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Веќе е познато дека добрите бизнис односи датираат уште од времето, поточно за целиот изборен период.

Сите новинари, кои во тој период ја бараа кандидатката за градоначалник најпрвин требаше да комуницираат со вработените во Агенцијата, кои беа задолжени да и ги достават прашањата и да вратат повратни одговори до медиумите.

Од тука слободно може да се нагласи дека ова не е прва бизнис соработка на фирмата со градоначалничката на Скопје.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости