„Еко-свест“ и Амбасадата на Кралството на Шведска од денеска дo 15 октомври ќе изберат најдобра фотографија на темата „50 нијанси воздух“ со цел да се подигне свесноста за квалитетот на воздухот во нашата земја. Сите фотографии кои ги исполнуваат критериумите, ќе бидат дел од патувачката фото-изложба која ќе може да се види во јавниот превоз во Скопје, а првонаградениот ќе добие прочистувач за воздух Blue Air. За второто место е обезбеден термос, планинарско ранче, фитнес маичка, а третонаградениот ќе добие планинарско ранче, маичка, торба за пазарење, ѕвонче за велосипед.
– Урбаните средини стануваат сé понаселени, а со тоа и позагадени, со негативно влијание врз човековото здравје. Затоа, сите мора да покажат посветеност ваквата состојба да се промени, а градовите да се трансформираат во зелени, енергетски ефикасни, безбедни и здрави места за живот, на овие, и на следните генерации, велат од „Еко-свест“.
Сите заинтересирани ќе можат да испратат фотографија која најдобро ја прикажува состојбата со квалитетот на воздухот во нашето опкружување кои прикажуваат позитивни и негативни примери во околината.
– На фотографијата треба да биде прикажано Вашето доживување на квалитетот на воздухот кој го дишете, негативните страни на загадениот воздух, но и позитивен пример за тоа како Вие го решавате проблемот со аерозагадување и влијаете за негово намалување, се вели во повикот.
Во натпреварот можат да учествуваат лица, кои се полнолетни (постари од 18 години) на денот на пријавување во наградниот натпревар и ги исполнуваат условите за учество во наградниот натпревар.
Сите детали и критериуми можат да се прочитаат на веб страницата на Еко-свест www.ekosvest.com.mk