Во Основниот кривичен суд денеска на новото судско рочиште за случајот „Ласкарци“ беа испрашувани вештаците кои го изготвија машинското супервештачење за автобуската несреќа кај скопското село, во која загинаа 16 лица и 30-тина беа повредени.
Бранителот на еден од обвинетите денеска го испрашуваше вештакот Зекирија Зекири. На поголем дел од прашањата имаше приговори од бранителите на останатите обвинети, а на голем дел, исто така, вештото лице одговори дека веќе е одговорено.
Прашан дали ваков автобус со ваква техничка неисправност може да се пушти во сообраќај на редовна линија Гостивар-Скопје-Гостивар, вештото лице одговори дека не се компетентни да одговорат.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото.
Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето и тоа сѐ уште трае.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.