Испрани мозоци

by Фокус

Многу сликовита парадигма за феноменот на пребришани умови и испрани мозоци беше првиот круг од претседателските избори, кога, милом или силом, излегоа речиси сите гласачи за кланот на дуиџиите. Немаше, ама баш никакво значење што струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на црната листа на САД. Дуиџиите извојуваа убедлива победа. Се повтори и во Кичево, иако Зајас, родното место на Али Ахмети, сѐ уште нема канализација.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Верно, расипани се до коска, ама се наши! Така во сите изминати триесет години логицираат најголемиот број од гласачите. Избираат повторно и повторно иста сорта чкарт човеци!

Народ, кој непрекинато е за старо-нови корумпирани ликови, арамии и неранимајковци, не може ниту под разно да очекува различни резултати. Мора да е како нив или, во најмала рака, нешто да му фали. Таква сорта народ не е жртва, туку соучесник.

Статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прекрасно го знаат ваквиот рајатински фелер. Ниту со мал прст да не мрднат за негов добробит и да го соголат до гаќи, во секое време со својата клиентела и плус-минус 10 отсто т.н. неопределени, а, всушност, збунети, имаат на лагер 400.000 до 450.000 партиски војници што ќе гласаат за нив, па ако треба и трева ќе пасат.

ГЛУМЕЊЕ ЛУДИЛО

Психолошки поим познат како перење мозок, контрола на умот или ментицид. Но, најчесто е поврзан со политиката преку манипулации на масите „одгоре“ во центрифугата од машината наречена држава, односно политичка партија. Со програми за перење на општествен систем, институции, образование, здравство, правосудство, култура, спорт и мода.

Многу сликовита парадигма за феноменот на пребришани умови и испрани мозоци беше првиот круг од претседателските избори, кога, милом или силом, излегоа речиси сите гласачи за кланот на дуиџиите.

Немаше, ама баш никакво значење што струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на црната листа на САД. Дуиџиите извојуваа убедлива победа. Се повтори и во Кичево, иако Зајас, родното место на Али Ахмети, сѐ уште нема канализација. Триумфираше во Тетово, каде што во модуларната болница изгореа 15 хоспитализирани.

Победи и во Сарај, од каде што е сопственикот на автобусот „Беса транс“, во кој изгореа 45 патници. Убедливи победи и во синонимот за коцкарници Чаир, во Куманово, каде што се случи „Диво насеље“ и во Липково, каде што животниот стандард е како пред два века.

Куртули за влакно единствено Гостивар, каде што со минимална разлика победи актуелниот градоначалник Арбен Таравари.

Сѐ беше испревртено. Со циничниот и парадоксален изборен слоган „Нема откажување од иднината“, сдсмовските аљази и џамбази тапо и упорито глумеа лудило и ветуваа лажна надеж. Демек, немало да се откажуваат од нешта кои самите ги сотреа, изарчија и продадоа.

Токсично веруваа во своите патолошки лаги за европска Македонија. Остана уште душата на народот да му ја земат. Лузерите безочно нудеа иднина без иднина, а нивната најлојална клиентела мазохистички гласаше за нив.

БРОЈОТ НА ГЛАСАЧИ ПОГОЛЕМ ОД НАСЕЛЕНИЕТО?!

На вмровците, како победник на изборите, му се поклопија сите чакри. Категорично декларира дека ниту на сон нема да прави дил со учките, кои биле синоним за корупција, а за уставните измени езоповски се изјаснија во стилот „може да бидит, ама не мора да значит“.

За стокмистичкиот инженеринг, пак, молчеа како комунист пред преки суд. Единствено, не им текнуваше да постават барем реторичко прашање како тоа бројот на гласачите е поголем од населението? Маестрален игроказ на вмроните ербапи!

Просто неверојатно! Човек и со ИЉ 140 да се дума на кој начин се произведуваат тимби со испрани мозоци во центрифугата на партиските машинерии? Како програмираат физиолошки тапаци со ИЉ 70, кои дисциплинирано исполнуваат наредби, но истовремено дејствуваат како навивачки орди на трибини?

Им се дало, им се може! Како што „реформаторите“ од (не)владините организации, под плаштот на неолибералистичката „родова еднаквост“ ги перат мозоците дека „таткото може да раѓа и дои деца“, а „мајката да го затрудни таткото“, така и секоја власт верува дека единствено таа може и треба да владее.

Некогашниот министер, вмровецот Ѓорѓи Наумов, покој му на душа, по изборите во 1998 егзалтирано глаголеше:

„Сега кога конечно ја грабнавме власта, никој нема да ни ја земе и ќе владееме следните сто години“.

А амбицијата на последниот сдсмовски премиер Димитар Ковачевски беше да остане на позицијата дванаесет години, затоа што „многу работел“!

Концептот од центрифугата на машината за перење на мозоци е суров, злочест и одвратен. Со вклучувањето програма на максимум вртежи, трите статус кво мафио-кланови стокмија приватна држава и народ со испрани мозоци!

Поврзани новости