Исповед на екс фудбалскиот судија: Сакаа да ми забранат да судам затоа што сум ќелав

by Fokus

Пјерлуиџи Колина, еден од најпознатите судии на сите времиња, изјави дека неговата кариера била загрозена кога почнал да ја губи косата.

„Кога ја изгубив целата коса, се обидоа да ми забранат да судам. На 24-годишна возраст развив тотална алопеција, во рок од две недели ги изгубив сите влакна на телото. Можев да продолжам да судам само затоа што бев прилично добар. Властите ме суспендираа на три месеци. Потоа ме тестираа, ме испратија во Латина да го судам натпреварот во вжештена атмосфера, да видам како ќе реагираат луѓето. Секогаш ќе и бидам благодарен на таа публика, тој ден не им беше грижа што судијата им е ќелав“, изјави 64-годишниот Италијанец во интервју за римската „Република“.

Тој откри и дека намерно го продолжил финалето на СП 2002, во кое Бразил ја победи Германија (2:0), за да си го задржи најважниот сувенир од тој меч.

„Имам колекција која би ги направила фудбалските музеи љубоморни. Во финалето на тој Мундијал го отсвирев крајот 13-14 секунди подоцна, тоа беше неважно за резултатот, само сакав да се уверам дека ја имам топката во раце и дека ќе ја однесам дома“ – изјави Колина и додаде:

„За време на доделувањето на пехарот, пред да го добијам медалот, некој од организацијата ми рече: „Пјерлуиџи, дај ми ја топката, ќе ти ја задржам“. Јас одговорив: „Никако, топката останува со мене“. Ако ги погледнете фотографиите, јас цело време ја држам топката“.

Колина истакнува дека никогаш немал задоволство некому да покаже црвен картон.

„Спротивно на она што луѓето го мислат, тоа не е среќен момент за судиите. Секогаш го гледав како пораз, иако не беше мој. Црвениот картон е неопходен за да се задржи почитувањето на правилата на играта, но никогаш не сум уживал да ги исфрлам играчите“, изјави некогаш најдобриот судија на светот.

Поврзани новости