Испливаа ли Јанкулоска и Јанакиески од „Титаник“ или сепак потонаа?

by fokus

Иако денеска се прогнозираше дека екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска ќе се „спасат“ од случајот „Титаник“ со условни казни, сепак денеска во Кривичниот суд им беа изречени ефективни затворски казни.

Јанакиески со првостепена пресуда е осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци, а Јанкулоска доби 2 години и 6 месеци затвор, иако по нивното признание на вина се очекуваше да добијат условни казни, особено Јанкулоска, нешто на што алудираше и обвинителката Лиле Стефанова во својот завршен збор. За Јанакиески пак побара ублажување на казната.

Сепак, факт е дека и Јанакиески и Јанкулоска се гонеа за неколку кривични дела, за кои е предвидена и засебна казна. Па така, на Јанакиески на товар му се ставаат четири кривични дела, од кои за едно не призна вина и ќе продолжи да му се суди. Станува збор за делото „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, за што е пропишана казна од најмалку пет години.

За „Злосторничко здружување“ е предвидена затворска казна од една до пет години, а тој доби казна од 8 месеци. За „Уништување на избирачки материјал“ е предвидена казна од најмалку пет години, а доби три години, а за „Повреда на слободата на определување на избирачите“, предвидена е казна од најмалку три години, а тој доби една година.

Сума сумарум, како единечна казна му е пресметана казна од 4 години и шест месеци.

Јанкулоска, пак, според обвинението се гонеше за три кривични дела. За „Злосторничко здружување“ доби казна од 8 месеци, а и се закануваше од една до пет години. За „Повреда на избирачкото право“ казната е најмалку три години, а таа беше осудена на 1 година, и за „Повреда на слободата на определување на избирачите“, е осудена на една година затвор, а и се закануваа најмалку три години.

Вкупно за сите три дела доби единечна казна од 2 години и шест месеци затвор.

Тие сега имаат право на жалба пред Апелација.

На Мартин Протоѓер пак му се судеше за две дела. За „Злосторничко здружување“ му се закануваше казна од една до пет години, а тој доби 8 месеци, а за „Повреда на избирачкото право“ доби една година, а му се закануваа најмалку три години. Сепак тој како единствена казна доби услвна казна од две години, но со услов во следните 5 години да не изврши друго кривично дело.

И на Протоѓер, како и на Јанакиески, ќе продолжи да му се суди за делото „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, за кое не призна вина.

Случајот „Титаник“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.

Валентина Вурмо

Поврзани новости