Исплатени се првите 117 милиони евра за проектот со „Бехтел и Енка“, потврди министерот Бочварски

by Fokus

„Првиот трансфер веќе го исплативме до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), согласно Програмата што е донесена од Владата и објавена во Службен весник. Тоа не е тајна и не е нешто што се крие за да се создава некаква нервоза во јавноста бидејќи и тоа може да се провери“.

Ова го истакнува министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во интервју што утре ќе се објави на државната МИА.

Бочварски информира дека кон ЈПДП се исплатени 117 милиони евра или 7,254 милијарди денари.

„Оттаму, проектното одделение коешто е формирано во ЈПДП работи во директен контакт и комуникација со компанијата `Бехтел` во реализација на останатите чекори и процедури согласно Програмата, согласно Договорот и согласно Законот“ – вели Бочварски.

Во Програмата, меѓу останатото, е наведено дека средства во износ од 7.254.000.000 денари (117.000.000 евра) се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола). Средствата од првата транша која изнесува 5.390.000.000 денари (87.000.000 евра) и од втората транша во износ од 1.864.000.000 денари (30.000.000 евра) се исплаќаат согласно член 14.7 од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д.

Поврзани новости