Поради испад на 110-киловолтен далновод на АД МЕПСО, Блок 1 на РЕК „Битола“ прекина со работа околу 12 часот.
Надлежните велат дека редовното и нормално функционирање на Блок 1 било прекинато бидејќи во критичниот момент постројката не можела да ја испорача произведената електрична енергија кон македонскиот електроенергетски систем по што во согласност со сигурносните протоколи блокот бил исклучен.
Прекинот во снабдувањето со електрична енергија во неколку населби во Битола во истиот период кога без напон остана и Блок 1 на РЕК „Битола“ се должи на истиот проблем предизвикан од далноводот на МЕПСО и нема никаква поврзаност со работата на комбинатот, додаваат надлежните.
Како што се наведува, оаралелно без проблеми се одвива производството на електрична енергија од Блок 2 на РЕК „Битола“ бидејќи постројката е поврзана со електропреносниот систем на АД МЕПСО преку друг, 400-киловолтен далновод. На Блок 3 во тек се ремонтни активности.
Денешниот испад на Блок 1 на РЕК „Битола“, поради проблеми во преносната мрежа на АД МЕПСО, е трет во период од 40-ина дена. Стручни лица од РЕК „Битола“ работат на надминување на состојбата и повторно ставање во функција на Блок 1.